Прирачник по етика за лекари
Во тесна соработка со Министерството за здравство и Медицинскиот факултет, МЛД преку своите специјалистички и супспецијалистички здруженија учествува во изработката на стручни упатства, кои се потпираат на медицина базирана на докази, како основни помагало за стручномедицинскиот дел во лекувањето при секојдневната пракса. Етиката секогаш била и ќе биде суштествена компонента на лекарската пракса.
Ангажирањето на студентите по медицина и лекарите за подобрување на едукацијата во чисто стручниот и професионален дел, без дополнителна едукација по лекарска етика и соодветно наставно помагало од оваа област би било во голема мерка инсуфициентно.
Со обезбедување достапност до секој лекар поединец во Р.Македонија, на овој универзален лекарски етички прирачник, Македонското лекарско друштво смета дека ќе доведе до брзо и ефикасно зголемување и продлабочување на постоечката етичка свест.
Но, исто така, ќе им биде од голема практична помош на лекарите во разрешувањето на голем број, често пати, комплицирани разновидни етички дилеми.
Длабоко сме убедени дека лекарскиот етички прирачник, не само што ќе најде голема примена во секојдневната пракса, но ќе преставува и предизвик и стимул за понатамошната разработка на етичката мисла кај нас.
Прирачникот по медицинска етика е само основа врз која треба да се изградат, осознаат и применуват специфични етички прашања. Специфичните етички проблеми, кои се однесуваат на децата како пациенти, кај лицата со пречки во развојот, трансплантацијата, употребата на матични (стем) клетки, етиката во медицинското образование и многу други, заслужуваат и бараат одделно внимание.
Поинтензивното и продлабоченото изучување на лекарската етика, покрај стручно професионалниот развој, е неопходен и неизбежен елемент за одржување на лекарската професија на соодветно ниво.




